najdobar-sajt-grouper2016

Благодарност од тимот на најнаградуваниот и најдобриот сајт за е-трговија

Во саботата (24.12) традиционално се одржа манифестацијата Сајт на годината, оваа година 7ма по ред, каде се доделуваат награди на најдобрите сајтови во различни категории за годината која изминала. Со гордост сакаме да споделиме со вас дека Grouper.mk e официјално сајтот кој освои најголем број на награди! Оваа година за прв пат освоивме 4 награди во 4 категории и тоа:

  • Златната и најважната за нас за која сме најгорди – Најдобар сајт за е-трговија и огласи за 2016 година (0ваа награда ја добивме 3ти пат ама секој пат и се радуваме како да ни е прв).
  • Другите 3 награди кои ги освоивме беа второ место во следните категории: Најдобра мобилна апликација, Најдобар мобилен сајт (2 години по ред бевме победници во оваа категорија), Најдобар сајт за 2016та година (втор пат по ред ја освојуваме оваа награда и сме особено горди што нашиот квалитет и работа е препознаена многу пошироко земјаќи ги предвид сите постоечки сајтови во Македонија).

Наградите се признание за сработеното и во исто време мотивација за понатаму да се продолжи со полна пареа. Ние од самите почетоци, веќе 6 години работиме со полна пареа, со ентузијазам, пасија, енергија и љубов.

Го лансиравме Grouper во јануари 2011 година кога помалку од 1% од населението купуваше онлајн, кога оналјн понудата беше многу мала, а 40% од населението имаше пристап до интернет.. опкружени со скептицизмот од многу страни, ние цвртсто верувавме дека атрактивните понуди со попусти ќе бидат доволен поттик за многу граѓани да го направат своето прво онлајн купување на Grouper.mk и со тоа да влијаеме и да ја промениме е-трговијата во Македонија. Grouper беше препознаен како “game changer” на пазарот на е-трговија, а нашата напорна работа се исплатеше. Горди сме што го сменивме пазарот на е-трговија во Македонија и продолжуваме да го менувамe. Илјадници корисници за прв пат направија онлајн купување на Grouper и стотици компании за прв пат се ангажираа во е-трговија преку Grouper. Како пионери и лидери во е-трговијата во Македонија секогаш будно го следиме и анализираме пазарот и промените на состојбата. Денес веќе 19% од интернет-корисниците во Македонија купуваат онлајн, но имаме уште многу работа за да се доближиме до развиените земји. Затоа ветуваме уште многу непобедливи зделки со кои ќе им дадеме повод на нови илјадници потенцијални корисници да ги почуствуваат бенефитите и да уживаат во попустите додека откриваат нови места, го бараат саканиот производ или планираат патување.

Годинава беше исполнета со многу активности и кампањи трудејќи се секогаш да подготвиме нешто ново за вас, а воедно и многу достигнувања меѓу кои ПОЛОВИНА милион продадени купони и рекордната Black Friday акција со 20.000 продадени купони. Со овие добиени награди благодарение на вас имаме соодветен завршеток на истата.

Ви благодариме на сите вас кои го пиете утринското кафе со Grouper, кои будно не следите и кои прво проверувате на Grouper кога барате место за одмор, кога барате да вкусите нешто ново, кога сте во потрага по совршен подарок или кога едноставно барате добра зделка. Се надеваме дека заедно со нашите соработници ви даваме добар повод за секогаш прво да проверите на Grouper.mk.

Бидете позитивни, среќни и искрени, сакајте се и уживајте во празниците,
Искрено благодарни,
Нина Ангеловска и Вашиот Grouper тим

Nina Angelovska

Nina Angelovska

Ко-сопственик на Grouper.mk